210 години од раѓањето на Чарлс Дикенс автор на романот Оливер Твист
07.02.2022
На 7 февруари 2022 година, се одбележува 210 годишнината од раѓањето на Чарлс Дикенс (1812-1870), еден од најзначајните британски писатели на 19 век и критичар на општествената неправда на викторијанската ера.
Чарлс Дикенс е роден во Лендпорт кај Портсмаут на 7 февруари во 1812 година. Бил второ од осумте деца на Џон Дикенс кој бил службеник во Министерството за морнарица.
Пресвртница во животот на Дикенс бил моментот кога како 12 годишно дете бил принуден да го прекине школувањето и да работи во фабрика за обувки бидејќи неговиот татко доспеал во должнички затвор. Тоа на него оставило длабока трага. Тука се запознал со сиромаштијата и станал најжесток гласноговорник на сиромашните на своето време.
Дикенс го продолжил школувањето кога татко му бил пуштен од затвор. По завршување на образованието се вработил во една адвокатска канцеларија, потоа во суд, а подоцна како новинар.Во 1833 година почнал да пишува куси приказни и есеи за списанија. Негова прва книга е збирката раскази под името „Бозова цртичка“ објавена во 1836 година. Истата година се оженил со Кетрин Хогарт, ќерка на уредникот на Ивнинг кроникл, со која имал десет деца.
По успехот на „Пиквиковиот клуб“ Дикенс се посветил на пишувањето, создавајќи се подобри дела. Меѓу неговите најпознати дела се „Оливер Твист“, „Николас Никлби“, „Божикна приказна“, „Големите очекувања“ и „Дејвид Коперфилд“ роман кој содржи доста автобиографски елементи.
Во 1842 година ги посетил Соединетите Американски Држави и Канада, што доведе до неговите контроверзни „Американски белешки“. Умрел на 9 јуни во 1870 година. Бил погребан во одделот за писатели во Вестминстерската опатија, а натписот на неговата гробница гласи: „Сочувствуваше со сиромашните, напатените и обесправените“.