23-ти април Светски ден на книгата и авторските права
23.04.2021
Светот денеска (23 април) како симболичен датум во светската книжевност го одбележува Светскиот ден на книгата и авторското право, а во чест на двајцата великани на светската книжевност Вилјам Шекспир и Мугуел де Сервантес кои со своите дела го задолжија човештвото.
Годинава Светскиот ден на книгата се одбележува во вонредни услови и на специфичен начин поради пандемијата на коронавирусот и борбата од ширење на заразата. Затоа во време кога светот е затворен и на луѓето им е ограничено движењето , дружењето со книгата претставува еден од начините за олесниување на времето на изолација и самоизолација. Дружењето со книгата и нејзината моќ во оваа сеопшта затвореност може да се искористи за проширување на хоризонтите.
Во светската порака за 2020 година испратена од УНЕСКО се вели:„ Денес, повеќе од кога и да било, во време кога училиштата се затворени ширум светот и кога луѓето се во изолација, моќта на книгите треба да овозможи да се бориме против осаменоста, да ги засили врските меѓу луѓето и да ги прошири нашите видици, притоа стимулирајќи го нашиот дух и нашата креативност“.
На Светскиот ден на книгата и авторското право традиционално се упатува порака од УНЕСКО, но и од сите земји кои го одбележуваат овој ден. Денес се потсетуваме на дел од македонската порака што во 2019 годинаја напиша Милчо Манчевски:
“Не е само дека ми се допаѓаа книги или дека сакав книги. Ми требаа книги онака како што на птица ѝ треба воздух или на тревка ѝ треба сонце.
Знаеш, мајка ми умре четири месеци пред да тргнам на школо. Не се сеќавам на точните чувства кога разбрав дека умрела, ама мислам дека неверица и беспомошност секако беа дел од нив. Како наеднаш да ме беше понела водата и не можам да се закотвам. Ни татко ми, ни бабите и дедовците не можеа многу да помогнат, колку и да се обидуваа.
Ама, имаше еден свет што ми помогна да си го најдам местото – книгите. Книги, стрипови, книги за деца, книги за возрасни, бајки, кратки раскази, митови и легенди, приказни за каубојци и индијанци, секакви книги… Со саати, денови, недели, месеци целосно исчезнував во книгите. Не само што уживав во нив, јас бев нив.”
По тој повод денес во Библиотека Феткин сите посетители , ученици од прво до деветто одделение ќе можат бесплатно да се зачленат во библиотеката.