90 Години од раѓањето на Кузман Шапкарев


01.02.2024

Кузман Анастасов Шапкарев е роден на 1 февруари 1834 година во Охрид, во семејство на бедни и неписмени родители.
Мајка му, Марија Стрезова, била таа што ќе инсистира да го школува Кузмана, па дури со свој труд заработувала за да му обезбеди средства. Основното образование го стекнал кај вујко му, Јанаки Стрезов, со извесни прекини.
Кога од финансиски причини морал да го прекине школувањето го изучил кожарскиот занает. По неколку години макотрпно занаетствување, вујко му го зел под своја закрила и го носел со себе во местата каде учителствувал и на тој начин Кузман го довршил своето образование.
Во 1853 година, во Битола за првпат се сретнал со Димитрија Миладинов, кој во тоа време дошол да учителствува во овој град. Но, вујкото и внукот не останале долго во Битола, се вратиле во Охрид и отвориле свое приватно училиште кое постигнало голем успех.
Во 1884 година заминал за Пловдив, каде следната година успеал да отпечати три книги, за обичајот русалии, за животот на браќата Миладинови и мал дел од своите обемни собрани материјали со народни умотворби од Македонија.
Следните години ќе се обидува и ќе моли, во Бугарија, Русија и Хрватска за финансиска помош за отпечатување на народните умотворби. Нема да ја добие.
На крајот, еден приватен печатар во Софија, без да бара аванс, ги отпечатил, книга по книга материјалите на Шапкарев.
Од 1900 година бил редовен член на Бугарското книжевно друштво (подоцна преименувано во Бугарска академија на науките/БАН).
Починал во Софија на 18 март 1909 година.