Григор Прличев


18.01.2022

Григор Прличев е роден на 18 јануари 1830/31 година во Охрид, а починал на 6 февруари 1893 година. Татко му починал кога тој бил шестмесечно бебе, па грижата за семјството паднала врз мајка му.
Неговиот дедо го научил да чита уште на четиригодишна возраст од некој стар грчки буквар. Мајка му и сестра му аргатувале по куќи, а тој продавал јајца, им давал часови на богаташките деца и препишувал книги. Освен овие податоци, во својата „Автобиографија“ Прличев го опишува основното училиште и тогашните учители, како и доаѓањето на Димитар Миладинов за учител на кого „мед му течело од устата“ кога зборувал.
Во 1850 година се запишал на Медицинскиот факултет во Атина што никогаш не го завршил, но тогаш за првпат дознал за конкурсот за поема. По 10 години се вратил во Атина, да ги продолжи студиите, а всушност да се пријави на конкурсот.
Со поемата „Сердарот“ („О Арматолос“) тој го освоил првото место, ловоровиот венец, паричната награда и бил прогласен за втор Хомер.
Следната година повторно се пријавил на конкурсот со поемата „Скендер-бег“, но таа година по некоја случајност, конкурсот не се одржал.
Кога дознал за смртта на браќата Миладиновци, Прличев ја напуштил Атина и се вратил во татковината за да се бори со владиката Мелетија (виновникот за затворањето на Димитрија).
Од тогаш, па сè до крајот на својот живот, Прличев се борел со носителите на туѓото влијание во неговата татковина.