Легенда од книгата” Венчан даб” на Ќиро Андонов издадена во 1990 год.


28.10.2021

Бадева чешма
Во селото Глишиќ , Кавадаречко една чешма го носи името Бадева. Денес нејзините води секнаа. Не се слуша веќе палавиот и складен рамор. Занеме железниот дудлец и пресушеа неколкуте бетонски мраморја. До нив се наоѓа и едно старо камено корито. Сепак , селаните имаат намера да ги поправат ќумците, да ги исчистат кореништата, базјата и брлогот, та повторно да ја наведат водата.
Најпрво оваа чешма ја правел Глигор Бадев, пред повеќе од осумдесет години. Тој бил имашлив селанец и вмешан во комитските работи. Во есента на 1901 , заедно со другите организирани луѓе имал средба со Гоце Делчев.
Во преданието се зборува дека мајка му на Глигор се викала Ѓурѓа. Таа живеела во почетокот во селото Пепелиште. Мажот и Баде поради насилство го убил некој си Турчин од семејството на Кантур -Бег. Веднаш се изгубил од селото. Станал ајдук на Кожув Планина. Тука формирал и своја дружина . Не само во оваа планина туку се борел и подалеку во Егејска Македонија. Од своите соработници сознал дека жена му и неговата ќерка се наоѓаат во селото Глишиќ кај некој нејзин роднина. Тука се сокрила , зошто се плашела од одмаздата на Турците. Една вечер скришум пристигнал Баде . Не забележан од никого почукал на портите за да му отворат . Немал намера многу да се задржува. Сакал само една работа да сврши : да ја види жена си и ќерка си, за последен пат. Останал цела ноќ. Пред да се раздени на заминување, и рекол на Ѓурѓа:
-Повеќе јас нема да се вратам, ме чека борба, немавме среќа да живееме мирен живот. Еве ти нешто пари за нашата ќерка. Неа ќе ја вардиш како очите твои . Гледај среќно да ја удомиш. Многу ми е жал за неа . Сега, ајде збогум.
– Со здравје Баде , нека те чува бог од лошо и тебе и твоите другари.
Со липање го прегрнала за последен пат. Мажот и се изгубил во ноќта. Долго гледала по него. Тоа било последно видување. Ништо повеќе не се знае за Баде. Најверојатно во некоја борба загинал. Жена му Ѓурѓа останала сама. Нивната ќерка не била долговечна. Се разборела од некоја опачна болест. Умрела многу млада. По неколку години сакала или не се премажила. Во куќата довела домазет. Со него заживеала и имала неколку деца. Иако земала друг човек, селаните и натаму ја викале Бадева, по нејзиниот прв маж. Исто така и децата го носеле името Бадеви.
Едно од нив Глигор ја направило чешмата во селото. Оттогаш поминало многу време,многу вода протекла по реката Велика , многу нешто се измени во животот. Сепак ,легендата за чешмата ,се уште постои. Таа од ретките кажувачи, од старците, се раскажува со голем восхит и занес. Таа не умира како што не умираат водите. Човекот во чешмите ја запишува својата судбина. Жуборот е нивниот говор.