На денешен ден во 1920 година е роден Славко Јаневски


11.01.2023

Славко Јаневски (Скопје, 11 јануари 1920 — Скопје, 20 јануари 2000) — истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар. Долги години бил член на МАНУ и Друштвото на писатели на Македонија. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.
Во 1946 година, во Скопје, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле го формирале Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броело 7 члена. Потоа, Јаневски бил и претседател на Друштвото. Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Советот на СВП, како и член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.
Јаневски е автор на многуброjни книги за деца, патописна проза, збирки раскази, романи и поезија, коишто се преведени на повеќе светски јазици, помеѓу повеќе познатите негови дела се: Најголемот континент,Итар Пејо,Каинавелиски, Улица, Кловнови и луѓе, Горчливи легенди, Две Марии, Месечар, И бол и бес и уште многу други.