„Неделата на детето“ – гости од ООУ „Пере Тошев“ од Општина Росоман
07.10.2026
„Неделата на детето“ во Библиотека „Феткин“ денес ни донесе особено убаво изненадување. На наше огромно задоволство, гости ни беа најмладите ученици од ООУ „Пере Тошев“ од Општина Росоман.
Иако денес дојдоа од соседната општина, во библиотеката се чувствуваа како да се наши редовни гости. Со многу љубопитност, насмевки и детска искреност го откриваа светот на книгите и библиотеката.
Заедно разговаравме за тоа што е библиотека, како функционира и што сè може да се открие меѓу нејзините полици. А најважно од сè – разговаравме за книгата како најдобар пријател на детето, за читањето, учењето и за безбројните светови што можеме да ги посетиме без да отпатуваме никаде.
Првачињата уживаа во разгледувањето на сликовниците, откривањето интересни енциклопедии и запознавањето со ликовите и приказните што ги чекаат на полиците на нашата библиотека.
Посебно ни е драго што „Неделата на детето“ нè собра со децата од Општина Росоман и што нашата библиотека станува место каде што најмладите од целиот регион можат да се дружат со книгата.
Ви благодариме за посетата, драги првачиња!
Вратите на Библиотека „Феткин“ се секогаш отворени за вас. Ве очекуваат уште многу книги, приказни, знаења и нови авантури!








