„Неделата на детето“ продолжува – првачињата од ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ во Библиотека „Феткин“
06.10.2026
Денес во нашата библиотека со особена радост ги пречекавме првачињата од ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ – Кавадарци.
За нашите најмлади гости подготвивме уште едно интересно и исполнето дружење со книгата, со желба нивната прва посета на библиотеката да остане во убаво сеќавање и да биде почеток на едно долго пријателство со книгите.
Директорот на Библиотека „Феткин“ ги запозна првачињата со работата на библиотеката и им објасни како книгите стигнуваат до читателите, што сè можат да пронајдат во библиотеката и зошто е важно уште од најмала возраст да се чита, да се учи и да се открива светот преку книгите.
А потоа следуваше најубавиот дел – дружење со книгите!
Се читаа и разгледуваа најубавите сликовници, се откриваа нови приказни и ликови, а голем интерес предизвикаа и енциклопедиите, кои малите љубопитковци со големо внимание ги разгледуваа и во кои пронајдоа безброј интересни нешта за светот околу нив.
Нивните насмевки, прашања и љубопитност ни покажаа уште еднаш колку е важно книгата да им биде достапна на децата од најрана возраст и библиотеката да биде место каде што секое дете ќе се чувствува добредојдено.
Продолжуваме со нашата мисија – да им го доближиме светот на книгите на најмладите и да создадеме нови генерации читатели.
Благодариме на првачињата и нивните наставници за прекрасното дружење!
Добредојдовте во Библиотека „Феткин“, драги првачиња! Ве очекуваат уште многу книги, приказни и нови светови за откривање!















