„Неделата на детето“ – првачињата од ООУ „Димката Ангелов – Габерот“ на патување низ светот на книгите
06.10.2026
„Неделата на детето“ продолжува со нови детски насмевки, љубопитни прашања и многу приказни во Библиотека „Феткин“!
Денес наши гости беа првачињата од ООУ „Димката Ангелов – Габерот“ – Кавадарци, кои со голем интерес и љубопитност ја откриваа библиотеката и нејзиниот свет.
За многумина од нив ова беше едно поинакво и возбудливо патување – не патување со автобус или воз, туку патување низ светот на книгите.
Во текот на посетата, првачињата се запознаа со тоа што се случува во библиотеката, како се чуваат и подредуваат книгите и како секоја книга може да стане почеток на една нова авантура.
Разговаравме и за тоа зошто е важно да читаме, да поставуваме прашања и постојано да учиме нешто ново. А потоа, најмладите имаа можност сами да избираат, разгледуваат и откриваат интересни книги.
Сликовниците ги одведоа во светот на бајките и фантазијата, а енциклопедиите им открија неверојатни факти за животните, природата, човекот и светот што нè опкружува.
Најубаво е кога книгата предизвикува љубопитност – кога едно детско „Зошто?“ води кон ново прашање, а секое ново прашање кон ново знаење.














