„Неделата на детето“ – првачињата од ООУ „Гоце Делчев“ во Библиотека „Феткин“
07.10.2026
Нашата „Недела на детето“ продолжува со нови средби, нови насмевки и нови мали љубители на книгата.
Денес во посета ни беа првачињата од ООУ „Гоце Делчев“ – Кавадарци.
Библиотеката денес беше нивна – полна со детска љубопитност, прашања и желба да откријат што се крие зад нејзините врати и меѓу полиците со книги.
Најмладите се запознаа со работата на библиотеката и дознаа дека таа не е само место каде што се позајмуваат книги, туку место каде што започнуваат безброј приказни, се раѓаат нови идеи и се стекнуваат нови знаења.
Потоа следуваше вистинската авантура – избор на сликовници, читање приказни, разгледување книги и откривање на интересни енциклопедии. Некои веднаш ги препознаа омилените ликови, други пронајдоа сосема нови приказни, а најљубопитните не можеа да престанат да ги разгледуваат енциклопедиите.
Таквите моменти нè потсетуваат зошто е важно децата уште од најмала возраст да ги почувствуваат радоста и убавината на читањето.
Драги првачиња, се надеваме дека денешната посета ќе биде само првата од многуте ваши средби со Библиотека „Феткин“.
















