„Неделата на детето“ заокружена со работилница за детска поезија со Тодорка Андова


08.10.2026

По низата прекрасни средби со најмладите читатели, „Неделата на детето“ во Библиотека „Феткин“ ја заокруживме со креативна работилница посветена на поезијата.

Централно место во работилницата имаше детската поезија, нејзината убавина, играта со зборовите, ритамот и начинот на кој преку стиховите можеме да ги изразиме мислите, чувствата и детскиот поглед кон светот.

Работилницата ја водеше роднокрајната поетеса за детска поезија Тодорка Андова, која на еден топол, интересен и непосреден начин ги воведе учениците во светот на поезијата и ги поттикна да размислуваат, да создаваат и да ја почувствуваат моќта на зборот.

Учесници во работилницата беа учениците од петто одделение од ООУ „Гоце Делчев“ – Кавадарци, заедно со нивната наставничка Даница Мојсова.

Преку разговор, читање, стихови и креативни активности, учениците имаа можност да покажат дека поезијата не е само нешто што се чита – таа е нешто што се чувствува, замислува и создава.

Особено ни е драго што токму со поезијата ја завршивме оваа недела посветена на децата. Затоа што книгата и поезијата имаат моќ да ја разбудат детската фантазија, да поттикнат љубопитност и да создадат трајна љубов кон читањето.

Благодарност до Тодорка Андова за прекрасната работилница, до учениците за нивната креативност и учество и до наставничката Даница Мојсова за поддршката.