Светски ден на книгата


23.04.2026

По повод Светскиот ден на книгата и авторското право, 23 април 2026 година, ЈОУ Библиотека „Феткин“ – Кавадарци упатува искрени честитки до сите љубители на книгата, автори, издавачи и читатели, кои со својата посветеност придонесуваат за негување и развој на пишаниот збор.
Светскиот ден на книгата и авторското право се одбележува од 1995 година, по иницијатива на УНЕСКО, со цел да се поттикне читањето, издаваштвото и заштитата на авторските права. Датумот 23 април е симболично избран бидејќи на овој ден во 1616 година починале големите книжевни имиња Мигел де Сервантес и Вилијам Шекспир, што му дава посебно значење како ден посветен на литературата и нејзиното влијание врз човештвото.
Оваа година, Библиотека „Феткин“ ќе го одбележи денот со креативна работилница со учениците од подрачното училиште „Пере Тошев“ од Сирково, под наслов „Книгата – прозорец кон светот: оживеј ги твоите омилени ликови од книгата“. Преку оваа активност, учениците ќе имаат можност да ја изразат својата имагинација, да ги доближат книжевните ликови до реалноста и да ја откријат магијата на читањето на еден поинаков, интерактивен начин.
Нашата цел е да ја поттикнеме љубовта кон книгата уште од најрана возраст, да создадеме навики за читање и да ги охрабриме младите генерации да ја препознаат книгата како неизвор на знаење, инспирација и личен развој.
Библиотеката „Феткин“ и понатаму останува отворен простор за сите генерации, место каде што книгата живее, а знаењето се споделува.
Со почит,
ЈОУ Библиотека „Феткин“ – Кавадарци