Волшебна дружба со детската книга – промоција и драматизација на „Непослушната Свиленка“


20.10.2026

Синоќа, во просториите на ЈОУ Библиотека „Феткин“ – Кавадарци, се одржа промоција и драматизација на детската книга „Непослушната Свиленка“ од Ана Дедова, во рамките на соработката помеѓу Библиотека „Феткин“ и здружението „Астера“.

Преку драматизацијата, која ја изведоа учениците од ООУ „Тошо Велков – Пепето“, приказната оживеа на сцената, носејќи им на присутните многу детска радост, фантазија и љубов кон пишаниот збор.

Ваквите настани се прекрасна можност за поттикнување на детската креативност, развивање на читачките навики и приближување на книгата до најмладите на еден забавен и инспиративен начин.

Библиотека „Феткин“ продолжува да создава простор за средби со книгата, авторите и уметноста, затоа што љубовта кон читањето започнува уште во детството!

Благодарност до здружението „Астера“, авторката Ана Дедова и учениците од ООУ „Тошо Велков – Пепето“ за прекрасната соработка и придонесот кон успешната реализација на настанот.