На денешен ден, 18 јануари 1830 година во Охрид е роден Глигор Прличев


18.01.2023

Григор Ставрев Прличев е истакнат македонски писател од времето на романтизмот и значаен претставник на македонската книжевност од XIX век. Покрај мајчиниот македонски, творел и на грчки и бугарски, и ги обединувал во себе нивните специфични карактеристики, како и современите текови на класицизмот и романтизмот.
Прличев бил ученик на Димитар Миладинов, кој во тоа време учителствува во Охрид. Извесно време се вработува како терзија, а подоцна станува учител во Тирана, Албанија. Во 1849 г. се запишува како студент по медицина на Атинскиот универзитет. Во текот на 1850-59 г. повторно се враќа во Македонија и учителствува на повеќе места: Долна Белица, Струшко, Битола, Прилеп и Охрид, за да си обезбеди услови за продолжување на студиите.

Во 1859 година повторно доаѓа во Атина, како студент на втора година по медицина. Во овој период ја пишува поемата „Сердарот“. Во 1860 ја добива наградата на големиот атински конкурс за најдобра поема на грчки јазик, паричен дел и лаворов венец. Истата година делото излегува од печат.