„Од страницата до алгоритмот – Каде се создава знаењето?“ – работилница со која го заокруживме Месецот на книгата


13.11.2026

Со успешно реализираната интерактивна работилница „Од страницата до алгоритмот – Каде се создава знаењето?“, денес, 13 ноември, во просториите на Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, симболично го заокруживме и одбележувањето на Месецот на книгата.

Работилницата беше организирана во соработка помеѓу ЈОУ Библиотека „Феткин“ – Кавадарци и Факултетот за образовни науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а учество зедоа библиотекари од библиотеки од цела Македонија, универзитетски професори, студенти и наставници по македонски јазик од Штип.

Во фокусот на работилницата беше едно особено актуелно прашање: Кој извор на информации е најсоодветен, кога и во кои ситуации треба да го користиме и кога е најдобро да комбинираме различни извори?

Преку интерактивни активности, групна работа и аргументирана дискусија, учесниците ги разгледуваа можностите, предностите и ограничувањата на печатената книга, електронските информациски извори и алатките на вештачката интелигенција. Целта беше да се поттикне критичко размислување за правилниот избор и комбинирањето на изворите на информации, во зависност од потребите, контекстот и целта на нивното користење.

Размената на искуства и различните перспективи уште еднаш потврдија дека ниту еден извор не е универзално решение за секоја информациска потреба. Вистинскиот предизвик е да знаеме како да ги препознаеме нивните можности, кога да им веруваме, како критички да ги проценуваме и како најдобро да ги комбинираме.

Со оваа работилница го завршуваме Месецот на книгата, испраќајќи порака дека книгата и библиотеките остануваат важни носители на знаењето, но и дека нивната улога постојано се надградува во светот на дигиталните информации и вештачката интелигенција.

Раководители на работилницата беа проф. д-р Ирена Китанова и Петар Гурев.

Зашто не е важно само каде го наоѓаме знаењето, туку и како го избираме, проверуваме и користиме!